Коѕијас во Скопје на средби со владиниот врв и партиски лидери, но не и со Иванов

Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас  денеска и утре во Скопје ќе има средби со неговиот македонски колега Никола Димитров, со премиерот Зоран Заев, со вицепремиерот Бујар Османи, со претседателот на Собранието  Талат Џафери и со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, Христијан Мицкоски и Али Ахмети.

Коѕијас нема да се сретне со претседателот Ѓорге Иванов, а тоа, како што велат во кабинетот на шефот на државата, не било ни побарано од грчка страна.

Грчкиот министер за надворешни работи треба да пристигне попладнево околу 18 часот на Меѓународниот аеродром Скопје со директен лет од Атина,  по пауза од 12 години.

Предвидено е Коѕијас по пристигнувањето да има работна вечера со Димитров. Официјалните средби на Коѕијас се предвидени за утре. На средбите се очекува да се разговара за позициите на Скопје и Атина по меѓусебната размена на нацрт-договори за решавање на прашањето за името, за кои, шефот на македонската дипломатија Димитров, во понеделникот рече дека се разликуваат еден од друг.

Грчките медиуми во контекст на посетата на Коѕијас објавуваат дека по разменетите нацрт-спогодби, преговорите за името влегуваат во клучна фаза. Најспорни точки меѓу Атина и Скопје се грчкото барање за промена на македонскиот устав, спектарот на употреба на новото име, но и идентитетот.

Од македонска страна, пак, како што објави МИА, повеќепати беше нагласено дека треба да се најде достоинствено решение за името со почитување на идентитетот, без промени на Уставот.

По дводневните разговори во Скопје, министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас ќе имаат нова средба на 30 март во Виена на која ќе биде и посредникот на ОН, Метју Нимиц.

Емил Холидеј

Технички уредник, посветен на својата работа. Негова пасија се компјутерите и следење на новите технологии.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Pin It on Pinterest

РАДИО ХОЛИДЕЈ