Израелскиот комарец краде податоци и без интернет

Израелските компјутерски експерти од Универзитетот Бен-Гурион покажаа дека за хакирање во компјутер и крадење податоци не е потребно уредот да биде поврзан на интернет.

Тие развија нов метод наречен „air-gap“ што овозможува размена на податоци меѓу два неповрзани компјутери, преку звучниците или слушалките.

Во комбинација со malware (злонамерен софтвер) овој метод може да ги претвори звучниците во уреди за прислушување, но и во уреди за праќање информации, дури и во случаи кога микрофонот не е поврзан со компјутерот.

Израелските експерти уште минатата година докажаа дека е можно да се прибираат аудиоснимки од сѐ што се случува околу компјутерот преку слушалките приклучени на тој компјутер.

Со посебно креиран злонамерен софтвер, успеале локално складираните датотеки да ги претворат во аудиоснимки и потоа со помош на „air-gap“ и ултразвучни бранови да ги префрлат на друг компјутер во радиус од еден до девет метри.

Иако за потребите на овој проект, наречен „Mosquito“ (Комарец) експертите морале да смислат посебен протокол, докажаа дека е можно да се упадне во изолиран компјутер и да се украдат податоци.

Исто така истакнаа дека компаниите и организациите кои работат со доверливи информации треба да го земат предвид и овој начин на упад во системот и крадење на податоци, како и дека треба физички да ја исклучуваат аудио-опремата на компјутерите.

Израелскиот проект беше фокусиран на компјутери, но замислете само каква штета би можел да направи „комарецот“ ако основниот протокол се прилагоди за смартфони и се користи за нелегални потфати.

Емил Холидеј

Технички уредник, посветен на својата работа. Негова пасија се компјутерите и следење на новите технологии.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Pin It on Pinterest

РАДИО ХОЛИДЕЈ