Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска се обрати на сесија на Националната конвенција за Европската Унија во Република Македонија, посветена на европските политики за водите во услови на климатски промени.
Во своето обраќање, министерот истакна дека водата денес се третира како прашање на безбедност, економски развој, јавно здравје и квалитет на живот. Тој нагласи дека новите европски политики ја позиционираат водата како стратешки ресурс и клучен фактор во климатската адаптација и одржливиот развој.
„За нас ова е и обврска и можност – да го забрзаме усогласувањето со европските стандарди и да ги унапредиме реформите за поефикасно и поодржливо управување со водните ресурси“, истакна Хоџа.
Министерот посочи дека климатските промени веќе имаат директно влијание преку суши и поплави, кои вршат притисок врз водните ресурси, земјоделството и екосистемите. Во тој контекст, тој го нагласи значењето на интегрираниот пристап, кој ги поврзува политиките за животна средина, земјоделство, енергетика и просторно планирање.
Во своето обраќање, Хоџа стави посебен акцент на дигитализацијата на управувањето со секторите за вода во рамки на институциите, како и на инвестициите во природно-базирани решенија, кои претставуваат клучен дел од долгорочната климатска отпорност.
