СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Политика

Синдикатот на УПОЗ и денеска на протест

Не бараме плати за луксуз, не бараме плати за ништо друго, бараме плати за достоен живот, порачаа учесниците на предупредувачкиот протест на вработените во државната администрација кој што продолжи и денеска.

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски рече дека нивните барања се повеќе од правични, немаме никаква информација од Владата и сѐ уште немаат покана за средба со нив. Според него, податоците што вчера ги објави Државниот завод за статистика кажуваат дека мора да седнат што побрзо и да најдат решение, бидејќи изјавите на Владата дека ако дадат плати на вработените во јавен сектор, инфлацијата ќе порасне не биле точни.

„Гледаме дека инфлацијата веќе во големи проценти расте. Растат цените на основните производи за живот, расте млекото, растат јајцата, расте лебот, баш оние производи за коишто ние бараме плати да можеме да ги купиме и да ги однесеме дома. Не бараме плати за луксуз, не бараме плати за ништо друго, бараме плати за достоен живот“, изјави Деаноски.

Тој оцени дека излезноста во текот на вчерашниот ден била повеќе од доволна, а за денеска најави дека очекуваат уште поголем одѕив.

„Имавме излезност од сите вработени и членови и нечленови на синдикатите. Ја препознаа вработените пораката на Синдикатот на УПОЗ, ја препознаа правичноста и праведноста позади таа порака и позади тие барања што заедно ги имаме со ССМ.  Имавме одредени притисоци вчера, денеска нема сега засега, сѐ уште ни немаат пријавено за некакви притисоци“, рече Деаноски.

Овие вработени што ги гледате зад нас, додаде тој, и денеска ќе добијат плата под минималната, бидејќи не се изменети последните закони.

„Вработените зад мене две години земаат под минимална плата, не само 18.000, туку и кога беше минималната плата 15.194 добиваа 14.500 денари. Од Министерството за финансии велат ние гледаме дали некој ќе земе денар плус, ако зема плус ја прекинуваме платата, ако земат под минимална плата нас не ни е гајле. Законот за минимална плата важи за сите вработени во државата и не може да сепарираме приватен од јавен сектор. Кој ќе ја казни државата сега – инспекции ќе праќаме во приватниот сектор и ќе им даваме глоби на фирмите, а кој ќе ја казни државата. Државата пак си одлучува да не ги почитува законите што ги носи. Кажа и претседателот на ССМ вчера спремни се претставки до инспекторатите надлежни за таа проблематика – колку ќе успеат да ја казнат инспекторите државата ќе видиме“, порача Деаноски.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content