СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Економија

Прилепското стопанство со приоритет во одржување на ликвидноста, но и за задржување на работната сила

Прилепското стопанство помина една од најспецифичните години со повеќе кризи и фокусот за 2023 година го насочува во ликвидноста, одржливоста во работењето, задржувањето на работната сила и континуирано справување со главниот проблем – цените на енергенсите и на електричната енергија.

Ирена Јакимоска, претседателка на Регионалната стопанска комора вели дека стопанството се покажа жилаво и одржливоста во работењето ќе биде главен приоритет и во првиот квартал од 2023 година.

– Прилепското стопанство уште еднаш потврди дека е доволно жилаво да ги издржи сите предизвици. 2022 е многу специфична година со континуитет од неколку типови кризи. Сепак, факт е дека имаме одржлив раст и во овој момент најбитна е ликвидноста на компаниите и нивните стабилност и одржливост. Но, и покрај сета необична ситуација, имаме зголемување на бројот на вработените. Тоа укажува на нареден предизвик со кој треба да се соочуваме – недостатокот од работна рака. На тој проблем мора да му пријдеме посериозно. Годината ќе остане специфична и во првиот квартал и треба да се фокусираме на ликвидноста, на одржливоста и на бројот на вработените. Мора да бидеме оптимисти и да веруваме во нашите капацитети. Она што следува во другиот дел од годината е попозитивно и сметаме дека ќе дојде период на преструктурирање и стабилизација на стопанството во Македонија, вели Јакимоска.

Цените на енергенсите и на електричната енергија остануваат најголем проблем за компаниите во Новата година. Потребата од државна поддршка останува. Љупчо Велески, менаџер во прилепската прехранбена индустрија вели дека и покрај сета ситуација, добро котираат на европските пазари, ама добредојдена е институционалната поддршка.

– Каква било институционална поддршка е добредојдена. На пазарот се среќаваме со фирми од регионот кои имаат силна поддршка од институциите, или има субвенционирана електрична енергија, што не е случај кај нас и секоја поддршка кај нас во таа смисла е добредојдена. Како компанија правиме сè околу најгорливото прашање, електричната енергија. Имаме доста инвестирано во фотоволтаиците за да компензираме, но не можеме сè. Зашто, не постои заштеда која може да го компензира овој раст на цената на електричната енергија на светската берза. Доколку компаниите во земјава бидат оставени сами на себе си, тоа ќе биде проблем од аспект на глобалната конкурентност, објаснува Велески.

Еден од најгорливите проблеми кои треба да се решаваат е недостигот од работна сила, без разлика дали е високостручна или не. Јакимоска од Регионалната комора опстојува на ставот дека долгорочното решавање е системско, преку образовниот процес, а краткорочното со увоз на работна сила.

– Краткорочниот начин на надминување на проблемот со недостигот од работна сила, може да го решиме, или со издавање забрзани дозволи за работа на украинските семејства на кои во овој момент им е неопходна помош, и, секако, она што долго време го зборувам, е увоз на потенцијална работна сила од земји на кои Македонија би им била можност за дополнително заработување за нивните семејства, вели Јакимоска.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content