Претседателката на Косово упати честитки до Гордана Силјановска Давкова, таа одговори

172

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, упати честитки преку платформата „Х“ до новоизбраната претседателка на Република Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, која веднаш одговори заблагодарувајќи се и изразувајќи готовност за соработка, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во денешната објава на „Х“, (поранешен Твитер), Османи порача дека Косово и Македонија имаат одлични меѓусоседски односи и споделуваат силна посветеност на европската интеграција и додаде дека со нетрпение очекува да работи со Силјановска „за да се постигне оваа заедничка цел“.

-Честитки до Гордана Силјановска Давкова за нејзината победа на изборите во Македонија и што стана првата жена претседател на земјата. Косово и Македонија имаат одлични меѓусоседски односи и споделуваат силна посветеност на европската интеграција. Со нетрпение очекувам да работам со избраната претседателка на постигнување на оваа заедничка цел и натамошно продлабочување на односите меѓу Косово и Македонија, напиша Османи.

Силјановска Давкова одговори на „твитот“ на Османи, заблагодарувајќи ѝ се за честитката на албански и на македонски јазик.

-Почитувана Вјоса, ме радува Вашата искрена честитка. Среќна сум поради фактот дека жените во нашиот регион испишуваат политичка историја застанувајќи храбро на клучни позиции. Очекувам и понатаму да продолжиме со соработката за конечно да ја постигнеме клучната стратешка цел, евроинтеграција на целиот регион, како и да ги зацврстиме нашите односи преку една “женска” синергија, напиша Силјановска Давкова.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content