Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Пренџов денеска информираше дека во Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците се одржала јавна расправа за Предлог-законот за парнична постапка, кој го оцени како еден од најважните и најобемните закони за функционирањето на правосудниот систем.
Како што пишува Пренџов на Фејсбук, за разлика од претходни практики кога законите се носеле без поширока јавна дебата, овојпат процесот е целосно отворен и транспарентен, со вклучување на стручната јавност уште од самиот почеток.
На расправата учествувале судии од Врховниот, апелационите и основните судови, адвокати, универзитетски професори, претставници на Народниот правобранител, Адвокатската комора, медијатори и бројни правни експерти.
Според Пренџов, нивните ставови се клучни за создавање на законски решенија кои директно влијаат врз правната сигурност на граѓаните.
Тој нагласи дека законот е дел од реформската агенда и обврските за градење ефикасен и европски ориентиран правосуден систем, при што додаде дека целта е институциите да работат во интерес на граѓаните.
-Реформите нема да бидат лесни, но нема да се отстапи од нив“, пишува Пренџов на социјалната мрежа на Фејсбук, а притоа додавајќи дека промените се постигнуваат преку дијалог, работа и одговорност, а не преку политички декларации.
