СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Локално

На денешен ден роден е народниот херој Борка Талески – Црниот

На денешен ден е роден македонскиот народен херој Борка Талески, кој загинал за слобода на Македонија на 21-годишна возраст, откако бил предаден, а бугарската окупаторска војска свирепо го изрешетала.

Борка Талески познат под партизанските имиња Црниот и Модерното е роден на 19 јули 1921 година, а загинал на 2 март 1942 на Плетвар во Прилепско. Тој е еден од организаторите на востанието против фашистичкиот окупатор што било дигнато на 11 октомври 1941 година во Прилеп.

Борка е син на Спасија и Петре Талески. Дедо му Тале бил фурнаџија. Неговото семејство било скромно, но не се сметало за сиромашно за тоа време. Основното образование го започнал во родниот град и бил одличен ученик. Учел во гимназијата во Прилеп, но кога стасал петти клас, гимназијата била укината и Борка морал да го заврши средното образование во гимназијата во Битола.

 

При крајот со средното образование, доста читал белетристика, а почнал и сам да пишува текстови, па во 1938 година станал соработник на списанието „Подмладак“ од Крагуевац. Уште од првиот број на списанието во ноември 1938 година Борка е еден од осумте автори, чии текстови биле објавени на 24 страници. Како дописник од Битола тој се јавил со текстот под наслов „Влијанието на географските фактори врз формирањето на културата“. Текстот на Борка бил објавен под името „Борислав Телевиќ“, во период кога имал само 17 години, а прикажал големо знаење и вештина за пишување.

Со одличен успех го завршил средното образование и по желба на домашните се запишал на Медицинскиот факултет во Белград во 1939 година. Во периодот кога се запишал на факултет, во ек било револуционерното движење. Борка Талески веднаш се приклучил на истото. Тој бил храбар и одлучен, вешт оратор и со силно развиено чувство на колективен живот. Поради тие карактеристики, вештини и посветеност, тој бил примен за член на КПЈ. Меѓу првите задачи кои ги добил било раководењето со групите за теоретско образование. Паралелно учествувал на сите демонстрации организирани во Белград, а покажал и организациски способности. За време на летните и зимските одмори, Борка држел состаноци и курсеви во Прилеп.

Во 1940 година се одржала големата Илинденска демонстрација во Прилеп, после масовниот излет на Шаторов Камен. Борка Талески бил првиот говорник пред насобраната толпа народ во Прилеп. Тој зборувал за независност и самобитност на македонскиот народ и на Македонија, а особено имал познавања од Илинденскиот период.

Поради овој настан Борка бил уапсен од властите. Тој бил држен во затворот на Ада Циганлија во Белград, а потоа во логорот Ивањица. По ослободувањето од затворот, Борка се вратил во Прилеп како член на МК на КПЈ. Во меѓувреме, Борка бил секогаш во центарот на вниманието на полициските служби.

На 22 јуни 1941 година месниот комитет имал неофицијален состанок на Брдото во Прилеп, каде Борка Талески зборувал за војната, односно судирот, помеѓу Хитлер и Сталин, како и за тоа дека советската победа е неизбежна. Таа вечер се договориле Месниот комитет да се сретне во проширен состав во месноста Шарена чешма, во домот на извесен Бале. За тој состанок Борка напишал голем реферат, а по состанокот подготовките за вооружена борба зеле забрзано темпо.

На Петровден целиот град Прилеп бил преплавен со летоци, чии текстови воглавно биле напишани од Борка. За ова полицијата била алармирана и била во потрага по Борка Талески, но намерата за негово апсење не била исполнета.

Многу наскоро Борка Талески бил земен како член на Бирото на ПК на КПЈ за Македонија во Скопје. Талески не прифаќал мешање на БКП во македонската партиска организација, поради што бил исклучен од активностите за зацврстување на партиските организации.

Од 9 до 19 октомври Борка бил меѓу партизаните по планините околу Прилеп, во период кога е извршен нападот на Прилеп на 11 октомври 1941 година. Во 1942 година повторно оперирал во Прилеп, за подоцна да го испратат во Кавадарци, каде станал близок со Лазо Лавски.

Талески заедно со Лавски оперирале според плановите на организацијата. Така, во 1942 година се нашле на патот Прилеп – Кавадарци, упатени кон врвот на Козјак, каде имало густа магла. Тие слушнале дека наидуваат камиони и мислеле дека се германски. Но, поради предавство на тогашниот кмет на селото Царевиќ, Талески и Лавски биле опколени од бугарски фашистички сили и биле свирепо изрешетани. Талески починал во блзиина на селото Плетвар на 2 март 1942 година. Според полицискиот билтен од 20 март 1942 година, потврдено е дека предавството го извршил тогашниот кмет на селото Царевиќ.

На 11 октомври 1951 година Борка Талески бил е прогласен за народен херој на Македонија.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content