СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Политика

Македонци живеат во 159 држави во светот

Од вчера почна пријавувањето на попишувачите и на инструкторите што ќе го спроведат пописот од 5 до 30 октомври, кои е пожелно, но не мора да бидат вакцинирани против коронавирусот.

Од вкупно 195 држави во светот, Македонци живеат во 159 – ги има дури и на такви места како Северна Кореја, Антарктик, Лаос, Кукови Острови, Маврициус, Микронезија итн., покажува апликацијата на Државниот завод за статистика за попис на македонската дијаспора, на која досега се попишале вкупно 190.288 лица.

Во Македонија, пак, од вчера почна пријавувањето на попишувачите и на инструкторите што ќе го спроведат пописот од 5 до 30 октомври и доколку овој пат никој не го оспори процесот и не „пламне“ повторно епидемијата со коронавирусот, се очекува конечно да имаме пребројано население и имоти во државата.

 

ДЗС бара 6.000 попишувачи, при што нивниот вакцинален статус за корона не е критериум, туку само препорака.

На апликацијата за пријавување има прашање за кандидатите дали се вакцинирани, но критериум за избор е успехот на тестирањето што ќе биде спроведено. На реонските попишувачи и инструктори само ќе им биде препорачано да бидат вакцинирани, со цел процесот да се одвива во безбедни здравствени услови. За нас во овој момент е најважно да обезбедиме доволен број попишувачи. Апелираме до заинтересираните да се пријават на конкурсот  и да дадат придонес во оваа најзначајна статистичка операција во општеството. Да се биде учесник во попис е интересно и незаменливо искуство – велат од Заводот за статистика.

Освен на веб-страницата на ДЗС заинтересираните кандидати можат да се пријават и со апликација со мобилен телефон. Конкурсот трае до 5 август, тестирањето, изборот  и објавувањето на конечните листи треба да заврши до 15 август.

Директорот на ДЗС Апостол Симовски смета дека не може да се дискриминираат кандидатите врз основа на тоа дали се вакцинирани.

Според објавениот список на попишани низ светот, македонски државјани живеат насекаде, а не е исклучено дека до крајот на операцијата ќе се попишат Македонци буквално во секоја држава. По еден македонски државјанин се самопопишал во Бахами, Боцвана, Волис и Футуна, Гватемала, Гвинеја, Гијана, Иран, Кајмански Острови, Камерун, Киргистан, Костарика, Кукови Острови, Малдиви, Нигер, Нигерија, Ниуе, Остров Ман итн. Во некои островски држави има и поголеми заедници, како, на пример, Северни Маријански Острови, каде што се попишале 15 македонски државјани.

Засега е слаб интересот за попишување во прекуокеанските земји каде што има значаен број иселеници, па во Канада се попишани 1.686, во САД 8.185, а во Австралија 2.494 лица.

Најмногу иселеници се попишани во Швајцарија – 62.435, во Германија 43.274, во Италија 26.856 и во Австрија 11.038 лица. Во регионот, во Србија досега се попишале 718 лица, во Бугарија 425, Албанија 399, Косово 1.150, а во Хрватска 1.476 македонски државјани.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content