Македонската нација има свој оригинален етнички карактер, свои традиции, свои стремежи, своја единствена и специфична личност (2)
Францускиот славист Андре Мазон, професор на Колеџ де Франс и еден од најголемите европски слависти на 20 век, преку своите проучувања на македонската дијалектологија во 1920-тите и 1930-тите, ја потврди и ја засведочи пред европската научна јавност посебноста на македонските дијалекти во рамките на системот на македонскиот јазик. Мазон има неколку клучни научни труда за Македонија и македонскиот јазик, во кои говори за „словенски говори, дијалекти“, а не за „бугарски говори, дијалекти“, за „словенски песни“, а не за „бугарски песни“, како и за „словенски приказни“, а не за „бугарски приказни“.
Во годините пред тоа, особено во 1903 година, не само интелектуална и научна Франција туку и видни дејци во нејзиниот политички живот, заедно со напредната француска јавност, се однесувале со искрени симпатии спрема борбата на македонскиот народ за своја држава, за национална слобода и самостојна пројава на македонскиот идентитет. Францускиот и европскиот печат биле преполни со вести за трагичната ситуација во Македонија, за крвавите репресалии на казнените експедиции на турската војска итн. Насекаде се кренал бран од протести во полза на македонскиот народ. Под раководството на истакнати личности од областа на културата, уметноста и политичкиот живот на Франција, како што биле познатиот француски писател и нобеловец Анатол Франс, социјалистичкиот лидер Жан Жорес, Виктор Берар и Франс де Пресансе, се создало цело промакедонско движење за помош на македонскиот народ, пишува Свето Тоевски за НОВА МАКЕДОНИЈА.
Судбината на Македонците и македонското прашање станале предмет на расправа дури и во тогашниот француски Парламент. На низа заседанија во август и септември 1903 година и во текот на 1904 година биле разгледувани прашањата околу положбата во Македонија и француската политика за решавање на македонската криза. Во францускиот парламент честопати биле поднесувани интерпелации до Владата. Во нив се барало Владата да го каже својот став по работите во Македонија, да заземе поенергичен став за праведно решавање на македонското прашање. За тоа најмногу се заложувале социјалистичките пратеници. Mery нив се истакнале Жан Жорес и Франсе Д’Пресансе. На неколку заседанија на Парламентот, почнувајќи од август 1903 година, тие го поставувале прашањето за Македонија и инсистирале за неговото поволно решавање.
Во својата студија „Одгласот на Илинденското востание“ историчарот д-р Христо Андонов-Полјански има напишано: „Илинденското востание го разбранувало француското општествено мислење. Неговите поистакнати претставници, општествени и културни дејци го кренале својот глас во полза на Македонците. Притисокот на јавноста станал силен и влијателен. Француската влада била принудена да заземе поенергичен курс за македонските работи“.
Под влијание на печатот, промакедонското движење во Франција се зголемувало. Тоа почнало пред Илинденското востание, но добило уште поизразит облик во времето на востанието и потоа. Уште во почетокот на 1903 година познати француски општественици, како што биле Д’Етурнел, Кошен и Пресансе, предложиле дека само преку јавните собири може да се прошири интересот за Македонија. За да ja придобијат јавноста кон прокламираниот потфат, тие упатиле апел. На овој апел се одзвале видни личности од Парламентот и Академијата на Франција, познати корифеи на науката и културата. Meѓy нив се наоѓал и Анатол Франс.
По иницијатива на споменатите дејци, во Париз биле одржани митинзи на 15 февруари и на 17 март 1903 година. Овие митинзи биле бројно посетени. На нив говореле истакнати француски политичари и културни работници. На првиот собир најголем впечаток оставил говорот на социјалистичкиот лидер Жан Жорес, кој истакнал дека македонското прашање не се решава затоа што за него нема можност, туку затоа што Европа нема морални сили. Се дошло до потребата организациски да се оформи промакедонската дејност низ Франција. Веднаш по првиот митинг од 15 февруари 1903 година се формирал Македонски комитет (Comité de la Macédoine). Основачи на Македонскиот комитет, покрај другите, биле и познатите публициста и јавни работници Виктор Берар и Ж. Голис. Тие презеле голема активност за популаризација на македонското ослободително дело во француската јавност.
Меѓународниот македонски митинг од 1903 година во Париз собрал видни претставници на политичкиот и културниот живот
Најголемата манифестација во полза на Македонците била изразена на меѓународниот македонски митинг, кој се одржал на 25 октомври 1903 година во познатиот париски театар „Сара Бернар“. На овој митинг присуствувале видни претставници на политичкиот и културниот живот не само од Франција туку и од Велика Британија, Италија и САД. Во своите говори на митингот тие ги нагласувале сериозноста на настаните во Македонија и потребата за поефикасна контрола и поенергични мерки за реформирање на Македонија. Посебно се третирало донесувањето на „Мирцштегските реформи“ и резултатите од нив за подобрување на положбата во Македонија. На митингот Виктор Берар рекол дека „би било потребно трите западноевропски држави да го земат македонското прашање во свои раце“.
Виктор Берар (1864–1931) бил истакнат француски дипломат, историчар, балканолог и политичар. Тој е познат како голем поддржувач на македонското национално ослободително движење и врвен истражувач на минатото на Балканот. Како хроничар на македонското прашање и универзитетски професор во Париз, тој детално ги проучувал случувањата во Македонија. Истапувајќи како енергичен афирматор и заштитник на македонската самобитност, во своите анализи објавени во угледниот весник „Париска ревија“ во 1903 година Берар отворено посочил дека Македонците не сакаат турското ропство да го заменат со грчка, српска или бугарска власт. Берар е само еден од многутемина блескави и смели умови на Франција од тоа бурно време што дејствуваа како, така да ја наречеме, „интелектуалната совест на Франција за Македонија“. Но Берар бил дел од своевидната француска „Македонска школа“, сочинета од многу француски и франкофонски научници, историчари, балканолози и лингвисти, кои експлицитно повеќе од еден век ги третираат македонскиот народ и македонскиот јазик како засебен историски, културен и лингвистички ентитет. Некои од нив тоа го прават директно, а некои преку академски анализи за Балканот, националните идентитети и јазичните политики. Така е и во денешни дни.
Во март 2023 година, говорејќи на одбележувањето на 50 години од отворањето на Лекторатот по македонски јазик во Париз, кој функционира во рамките на престижниот Национален институт за ориентални јазици и цивилизации (ИНАЛКО), професорката д-р Весна Мојсова-Чепишевска, тогаш во својство на директорка на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, посочи на истражувањата и објавените статии на француските филолози за македонскиот јазик од периодот меѓу двете светски војни, пред неговата кодификација.
