СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Култура

И Грција прескапа за македонски џеб- хотелите за летово поскапи до 80 отсто

По пишувањата на црногорските медиуми дека цените на сместувања се поскапи за 40 отсто за разлика од лани, лоши вести стигаат и од грчките хотели. Таму се предвидуваат повисоки цени за цели 50 до 80 отсто. Така доколку годинава се одлучите за патување во Грција, подгответе уште плус половина од сумата која сте ја планирале да ја понесете.

Грчките медиуми пишуваат дека годинава нивните и странските потенцијални туристи се соочуваат со драстично зголемени цени на хотелите за ова лето. Зголемувањето ќе биде во просек од 30% до 80%, во зависност од тоа кое време планирате да го посетите нашиот јужен сосед. Засега нема најави за големување на цените само на траектите.

Како причина за повисоките цени се наведува зголемената странска побарувачка за летување во Грција, во комбинација со инфлацијата и ограничената понуда на сместување. Карактеристично е што во некои случаи во популарните дестинации со особено ограничен потенцијал на сместување цените се зголемени и до 70%-80%.

Овие зголемувања на цените следат по поскапувањата кои се забележани во текот на 2022 година. Туристичките агенции велат дека повисоки цени има и за нив и тоа за веќе резервирани соби. Ова зголемување иако е од 11 до 13 отсто, сепак ќе падне на грбот на туристите. Но има и такви хотели кои голем процент од капацитетот за сместување го држат слободен бидејќи хотелиерите од искуствата со клиентите во последниве години знаат дека можат да постигнат значително подобри цени за резервации направени поблиску до вистинското време за одмор.

Фото: Unsplash

Според грчките медиуми има и такви странски агенции кои и покрај договорите со грчките хотелиери по стара цена, најавуваат повисоки цени за туристите поради силната побарувачка. Според здружението на потрошувачи на Обединетото Кралство пакетот одмор во Грција, кој вклучува еднонеделен престој, ќе ги чини британските патници 30% повеќе оваа година во споредба со 2022 година.

Според американските туристички агенции кои спроведоа неодамнешни теренски истражувања, хотел со три ѕвезди во Грција во моментов чини во просек околу 85 долари за ноќ, хотел со четири ѕвезди околу 140 долари, а луксузен хотел во просек чини 325 долари за ноќевање.

Фото: Unsplash

Но, цените може да бидат и до 50% повисоки во јули и август. Прометот минатата година за грчките сезонски хотели, односно оние што се отвораат само во текот на летната сезона, е зголемен за 9,8% . Покрај тоа, хотелите во највисоките категории, 4 и 5 ѕвезди, забележаа зголемување на продажбата за 13,1% додека хотелите со најниска категорија, од 1 до 3 ѕвезди, забележаа намалување на продажбата од 22,3%, – покажа годишното истражување на Институтот за истражување и прогнозирање на туризмот (ITEP) на Хотелската комора на Грција (HCL).

Пазарните кругови проценуваат дека цените ќе се движат уште повисоко како што се приближува главната летна сезона, бидејќи пополнетоста за оваа сезона, врз основа на постоечките резервации, е веќе на историски високо ниво.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content