Електронски упис на првачињата – нова дигитална услуга од мај
Тие се побрзи за корисниците зашто се минимизираат бирократските процедури, се намалува можноста од грешки од човечки фактор зашто автоматско е евалуирањето при рангирањето, нема дискрециски овластувања, протекционизам и корупција.
Голем број е-услуги се достапни во областа на образованието – се применува нов систем за дигитално апилицирање на конкурсите за стипендии за ученици и студенти и за прием во домовите, дигитално е нострифицирањето на странски дипломи и свидетелства, аплицирањето на општините до МОН за инфраструктурни проекти и реновирање на училишта, а од мај ќе биде воведена и нова услуга – дигитално запишување на првачињата за учебната 2021/2022 година.
Центарот за управување со промени (ЦУП) денеска на онлајн-конференција ги презентираше електронските услуги изработени во соработка со министерствата за образование и наука и за информатичко општество и администрација, во рамки на проектот „Дигитализација во јавниот сектор во РСМ за непречено функционирање”. Проектот е финансиран од Владата на Обединетото Кралство и поддржан од Британската амбасада во Скопје.
Зборувајќи за придобивките од дигиталната трансформација во општеството, министерката Мила Царовска истакна дека покрај квалитативна промена на сите степени на образованието во земјава, интензивно се работи и на дигитализација.
Сите земји кои не се дигитализираат и трансформираат заостануваат, зашто светот се менува екстремно брзо, а ние како држава во развој треба да фатиме двапати побрз чекор. МОН има ваков став кон услугите кои итно треба да се трансформираат во дигитални. Образовниот процес покажа дека брзо може да се трансформира. Речиси цела учебна година имаме одлична инеракција и комуникација помеѓу наставник и ученик, што за нашата држава е голем отскок во однос на она што беше минатата година, рече Царовска.
Задоволна е од услугите што се достапни дигитални во рамки на проектот што го спроведува ЦУП, со кои се заштедува и време и нема застој во остварување на правата, посочувајќи го нострифицирањето на дипломи кое сега е возможно за еден ден наместо да се чека неколку месеци. Посочи дека дигиталните услуги се допбредојдени и во време на пандемија зашто се штити јавното здравје. Но, смета и дека треба да се подигне свеста за корисноста на новиот начин на услуги зашто се уште постои недоверба, па голем дел од студентите доаѓале во МОН за да се осигураат и да добијат архивски број дека аплицирале.
Министерката ги повика родителите да ја искористат можноста за дигитално запишување во основното образование за наредната учебна година, нова дгитална услуга која ќе почне да се применува во мај, со што, рече, ќе се избегне и метежот во училиштата. Очекува дека ваков современ пристап ќе има и за упис во средното образование, дека во наредниот период ќе се дигитализираат и сите услуги поврзани со конкурсите за наука.
Следен предизвик на кој ќе се работи, додаде Царовска, е родителите да имаат можност неделно да добиваат од училиштата извештаи од Е-дневникот за напредокот на ученикот преку автоматизирана апликација на нивните мобилни телефони.