СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Политика

Денеска стартува теренскиот попис на население

Пописот на население, домаќинства и станови, 2021 започнува на 5 септември, во 8 часот, а ќе заврши на 30 септември, во 20 часот.

Резултатите се очекуваат најдоцна за четири месеци. По пауза од 19 години повторно се спроведува оваа статистичка операција. Попис последен пат во земјава имаше во 2002, а обидот за попишување во 2011 беше неуспешен.

Овој попис ќе се спроведува според комбиниран модел, односно освен прибирање на податоци директно од населението на терен, ќе се користат и податоци од таканаречената Претпописна база, каде со внесувањето на матичниот број на граѓанинот во пописната апликација, автоматски се повлекуваат сите податоци што за тоа лице постојат во базите во државата.

Во пописната база влегуваат базите на МВР, Централен регистар, на Агенцијата за вработување, МОН, Министерството за труд и социјала, УЈП, Агенција за катастар, матични книги и расположливите податоци од заводот на статистика. Директорот на Заводот за статистика Апостол Симовски се надева дека следниот пописен циклус пописот ќе биде базиран само на регистри.

Се очекува пописот да даде одговори на тоа колку луѓе живеат во државата, колку и каде се распоредени тие што се во дијаспора, а треба да се добие и прецизна слика за половата, старосната, образовната, економската структура на населението, бројот на објекти и слика на условите за живеење на населението.

Пописот ќе се спроведува на седум јазици, а во домот на попишуваните може да влезе еден попишувач, прашалниците треба да бидат потполни за да се признаат. Во прашалниците има шеесетина прашања.

Пописот првично требаше да се одржи во април, но поради пандемијата на ковид се одложи за во септември. Одложувањето тогаш беше на барање на опозициската партија, ВМРО-ДПМНЕ. Од партиите единствено Левица има забелешки на методологијата на пописот. Од ВМРО-ДПМНЕ минатата недела само побараа пописот да биде електронски, но сè остана на тоа.

Против попис се и од Иницијативата „Не отворам врата“, кои побараа пратениците да го одложат пописот, оти за одложување на операцијата треба да се донесе нов закон. Тоа не се случи, па од Иницијативата најавија бојкот.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content