СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Локално

Делегации одделно им одаваат почит на бранителите кои загинаа кај Карпалак

Денеска се одбележува 21 година од загинувањето на десеттемина припадници на резервниот состав на Армијата кој од заседа беше нападнат во воената 2001 година. Владина делегација положи цвеќе пред спомен обележјето, а претходно делегација на ВМРО-ДПМНЕ им одаде почит на бранителите.

Претпладнево владина делегација, во чиј состав беа советникот за одбрана Драган Василевски и државниот секретар во Министерството за одбрана Драган Николиќ, положи цвеќе на спомен-плочата во месноста Карпалак, на автопатот Скопје – Тетово, во спомен на загинатите бранители, сите резервисти од Прилеп и прилепско.

Претходно, цвеќе положи делегација на ВМРО-ДПМНЕ во чиј состаав беа  пратениците Александар Велјановски, Жаклина Пешевска и Дафина Стојаноска, како и претседателот на УМС на ВМРО-ДПМНЕ Ангел Карапетров. Лидерот на партијата Христијан Мицкоски на Фејсбук напиша: „Нема да биде заборавена нивната жртва за нашата слобода. Македонија памети. Слава им“!

Стојанче Ангелов, претседателот на Достоинство и учесник во вооружениот конфликт како полициски генерал им одаде почит на загинатите бранители. На Фејсбук тој напиша: „На денешен ден 2001-та, од страна на УЧК, кај месноста Карпалак е нападната единица на АРМ која од прилепската касарна преку Скопје се движела кон Тетово. Вечна ви слава, херои македонски“!

Во чест и сеќавање на трагично загинатите резервисти: Нане Наумоски, Сашо Китаноски, Горан Миноски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Бранко Секулоски, Дарко Вељаноски, Пеце Секулоски, Веби Рушитоски, Марко Деспотоски, сите од Прилеп и прилепско, денеска беше оддадена почит и на нивните вечни почивалишта, а беше одржана и панихида во црквата „Св. Петка” во населбата Точила во Прилеп.

Одбележувањето на загинувањето на армиските припадници продолжи со оддавање почит и положување цвеќе на комплексот „Карпалак” во центарот на Прилеп, каде се одржа централното одбележување на 21 година од нивната смрт, каде положија цвеќе и бројни делегации и бранители.

Чествувањето на годишнината од загинувањето на десеттемина армиски резервисти започна синоќа во Прилеп, каде делегации положија цвеќе пред спомен-обележјето во касарната „Мирче Ацев”, како и пред споменикот на бранителите во прилепското село Лениште, а беше одржана и вечерна богослужба во манастирот „Св. Петка”.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content