Дали уцена го мотивира Филипче да не отстапува од бугарската агенда?

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска упати остри критики кон СДС и лидерот на партијата Венко Филипче, обвинувајќи ги дека и во опозиција продолжуваат со политика на отстапки, која, според партијата, во минатото оставила сериозни последици врз националното достоинство и државните интереси.

Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат дека, како што велат, „најголемите национални предавства и порази се случија токму додека СДС беше власт“, наведувајќи ги промената на името, промената на знамето и уставните измени како одлуки кои оставиле длабока трага врз македонското општество.

Според владејачката партија, СДС и денес не се откажува од истата политика. Во соопштението се наведува дека „од СДС повторно, дури и во опозиција, испраќаат пораки дека се подготвени на нови отстапки“, а особено се критикува ставот на Филипче во однос на уставните измени.

„Филипче гордо вели дека тој ќе ги спроведел уставните измени и со месеци прави напори да се доближи до Бугарија, а во процесот го релативизира македонскиот идентитет“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата оценува дека за СДС уставните измени не претставуваат прашање од државен интерес, туку политичка алатка за повторно враќање на власт. Оттаму обвинуваат дека СДС „постојано се додворуваат на Румен Радев и Бугарија“, без притоа да обезбедат гаранции за македонските национални позиции.

Во соопштението дополнително се наведува дека било „јасно дека воопшто не им е битна Македонија, македонските граѓани, ниту пак македонските интереси“, откако, според ВМРО-ДПМНЕ, Филипче ги усогласил своите ставови со бугарското МНР, иако позициите на Софија за македонскиот евроинтегративен пат остануваат непроменети.

ВМРО-ДПМНЕ го обвинува Филипче дека е подготвен да прифати наративи кои ги доведуваат во прашање македонскиот идентитет, историја и јазик. „На Филипче не му е проблем да прифати наративи кои го доведуваат македонскиот идентитет, историја и јазик во прашање“, велат од партијата.

Според ВМРО-ДПМНЕ, СДС се обидува да ја прикрие оваа политика преку промоција на нови програми, но, како што велат, токму тие програми ја покажуваат нивната хипокризија. Од партијата тврдат дека Филипче најавува борба против појави кои, според нив, СДС самиот ги практикувал додека бил на власт.

„Под маската на европска перспектива, Филипче и СДС се обидуваат да соберат поени и да остават подобар впечаток во Софија. СДС се бори за обезличена Македонија“, се наведува во соопштението.

Радио Холидеј - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Холидеј
Skip to content