СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Македонија

ВО ПОДЕМ „КУЧЕШКИ ТУРИЗАМ“ Во Скопје се носат бездомни кучиња од надвор, а има дури и од Косово!

Бидејќи кучето е обележано со ушна маркичка, што не е карактеристична за нашата држава, стапивме во контакт со колеги-активисти во Косово и ни потврдија дека кучето го поминало хуманиот третман во Приштина, но како стигнало тука остана мистерија, ни одговорија од „Анима Мунди“.

Проблемот со големиот број кучиња-скитници никако да се реши, особено во Скопје. Една од причините е тнр. дислокација на кучиња од едно место на друго. Бездомни кучиња со товарни возила се преместуваат од еден град во друг, а има случаи кога такви кучиња се носат и од други држави, конкретно од Косово.

Жители на скопската населба Волково до нашата редакција се пожалија дека во нивното населено место бројот на бездомни кучиња во последно време значително пораснал, бидејќи, како што ни посочија тоа можеле да го видат и по улиците, но добиле и потврда од ветеринар.

– Добро ги познаваме кучињата во нашата населба кои немаат сопственици, бидејќи редовно ги храниме и им помагаме кога можеме. Пред неколку дена забележавме повредено кученце кое имаше обетка на увото. Откако го однесовме на ветеринар да го прегледа, тој ни кажа дека станува збор за куче донесено од Гостивар, бидејќи чипот што го имало кучето е на јавното комунално претпријатие од овој град –велат жители на оваа населба.

Нашите соговорници велат дека некои жители на Волково забележале комбиња и камиони, кои немаат скопски регистарски таблички, како носат и истовараат по десетина кучиња во оваа населба. На социјалната мрежа Фејсбук можевме да прочитаме за сличен случај, при што во дискусијата меѓу членовите беше констатирано, според обетката која ја има кучето, дека тоа е донесено од соседно Косово. Љубителите на миленици во објавата прашуваат од кој град е зелената обетка со бројки што ја има, а во коментарите некои од членовите одговараат дека станува збор за куче донесено од Косово и дека често можело да се забележи на релација Карпош-Центар.

Прашавме во „Анима Мунди“ дали се запознаени со тоа дека во нашата земја се носат кучиња од други градови, а тие ни одговорија дека посоченото куче веќе од јуни 2022 е на територија на Скопје и станува збор за еден изолиран случај.

– Бидејќи кучето е обележано со ушна маркичка, што не е карактеристична за нашата држава, стапивме во контакт со колеги-активисти во Косово и ни потврдија дека кучето го поминало хуманиот третман во Приштина, но како стигнало во Скопје остана мистерија – ни одговорија од „Анима Мунди“.

Оттаму нѐ информираа дека конкретно Скопје се соочува со преголем и неприроден прилив на бездомни кучиња во последните четири, пет месеци и според нив повеќе од очигледно е дека станува збор за организирано дислоцирање на кучиња.

– Необично е што се работи за големи раси на кучиња. Голем дел од нив се недоверливи и ова не е карактеристично за кучиња од  градска средина. Овој наплив логистички е речиси невозможно да го направи поединец, па затоа нашите претпоставки се дека одредена општина или повеќе општини одлучиле дека нема да ги третираат бездомните кучиња туку ќе ги дислоцираат – велат од здружението.

Тие упатија апел до граѓаните доколку видат активности од ваков тип, дислокација на кучиња, по можност да го документираат истото со фотографии и што поскоро да ни се обратат кај нив.

– Исто така апелираме до надлежните да спроведат истрага бидејќи ова не е решавање на проблемот со бездомната популација кучиња.  Агенцијата за храна и ветеринарство да направи контрола врз сите општини и конечно да бидат санкционирани, бидејќи само околу 40% од нив имаат програма за хуман третман, што подразбира дека најголемиот дел од нив на никаков начин не го решаваат овој проблем – посочуваат од „Анима Мунди“.

Заменик-градоначалникот на Град Скопје Александар Трајановски во гостување во „Студио 10“на ТВ24 вели дека Министерството за внатрешни работи  мора да ги засили контролите, затоа што намерно се носеле кучиња во главниот град на Македонија.

– Сè почести се нападите од улични кучиња во Скопје. Камиони од други градови оставаат кучиња во метрополата, МВР мора да ги засили контролите – рече Трајановски.

Тој посочи дека речиси секој ден се регистрираат нови напади од улични кучиња низ скопските улици, а само за минатата година градот Скопје исплатил 10 милиони денари како отштета на граѓани кои биле каснати.

И други општини во Македонија, како на пример Куманово, Тетово, Гостивар, Кичево, Струга, информираат дека во нивните градови исто така се носат кучиња од други населени места или општини, а бидејќи повеќето од кучињата не се соодветно третирани, тие претставуваат закана за граѓаните.

Сѐ обративме и до ЈП Лајка – Скопје со прашање дали имаат забележано бездомни животни кои во главниот град се донесени од други општини, но до објавувањето на овој текст не добивме одговор.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content