СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Политика

Власта го вети, ама нема да го намали ниту данокот во ИТ секторот

Власта помпезно најави укинување на персоналниот данок во ИТ секторот од 1 јануари 2023, но сега молчи пред доаѓањето на новата година, иако идејата беше да се стимулира оваа дејност заради задржување на овие работници во земјата.

Замислата беше да се намали данокот на личен доход од 10 на 0 отсто за програмерите, ИТ-администраторите и останатите вработени во информатичката дејност, со цел да се поддржи дигитализацијата како четврта индустриска револуција која брзо ги трансформира општествата и економиите.

Премиерот Димитар Ковачевски на почетокот на февруари најави дека до 2023 ќе се намали персоналниот данок од 10 на 0 отсто, што ќе биде силен стимул за младите што повеќе да се насочат кон овој сектор каде од ден во ден се потребни сè повеќе работници.

Владата секогаш ја поддржува секоја индустрија, а особено ИТ индустријата, бидејќи ИТ индустријата има навистина голем раст, дојдена е веќе на ниво на милијарда евра. Нашиот план е да ја зајакнеме и да го забрзаме нејзиниот раст уште повеќе, и тоа преку намалување на даноците за вработени, преку намалување на трошоците за преквалификација, како и намалување на даноците за обезбедување лиценци кои се основно средство на една ваква компанија“, изјави Ковачевски при посета на една стартап компанијата.

Инаку програмерите се најплатена професија во земјата, а последните податоци од Заводот за статистика укажуваат на нето-плата од 83.897 денари за месец септември. Се обративме и до Управата за јавни приходи дали од почетокот на 2023 година е предвидено намалување на персоналниот данок за ИТ секторот од 10 на 0 отсто, односно дали е предвидено какво било одредено намалување во даден временски период.

„Почнувајќи од 1 јануари 2023 година, данокот на личен доход за сите видови на доход (доход од работа,доход од вршење самостојна дејност, доход од продажба на сопствени земјоделски производи,доход од закуп и подзакуп, доходот од авторски и сродни права, доход од индустриска сопственост, доход од капитал,каптални добивки и друг) ќе продолжи да се плаќа по стапка од 10 отсто, освен за добивките од игри на среќа од 15 отсто“, ни одговорија од УЈП.

Ковачевски најави дека до 2023 година, се предвидуваат и други стимулативни мерки во ИКТ секторот. Освен намалување на персоналниот данок од сегашните 10 отсто на 0 отсто, се предвидуваше ослободување од данок за преквалификација, обука, дообука во компаниите, ослободување од данок од трошоците кои се прават за лиценци за ИТ индустријата. Сето тоа потоа беше гласно промовирано од Владата и од владеачката партија.

Инаку власта уште во 2016 во својата програма предложи даночни олеснувања за сите ИКТ компании кои извезуваат софтвери услуги и намалување на данокот на добивка за информатика и информациски технологии на 5 отсто, со цел нови вработувања, зголемен девизен прилив и градење на нови ит-компании.Ова стимулативна мерка требаше да овозможи поголем извоз, намалување на невработеноста и креирање на нови македонски брендови, како и подобра и побрза комуникација помеѓу граѓаните и државната администрација.

Во наредниот период Владата најави испраќање до Собранието на законски измени за персоналниот данок, ДДВ и данокот на добивка. Во она што беше промовинрано изминатиот период од Ковачевски и министерот за финансии Фатми Бесими, не беа споменати конкретни олеснувања за ИТ секторот. Единствено, Ковачевски рече дека не се предвидуваат нови даноци, ниту пак ќе има даночно зголемување, и најави дека данокот на личен доход останува со единствена стапка од 10 одсто и дека нема да стапи на сила прогресивното оданочување кое беше планирано од 1 јануари 2023.
Премиерот објави и дека данокот на добивка останува 10 проценти и нема да се зголеми, исто како и ДДВ кој останува 18 посто. Нема да се оданочуваат ниту каматите на депозитните и на штедните влогови.

Изгледно е дека Владата во меѓувреме се откажува од даночните повластувања за да ја наполни државната каса која во 2023 треба да биде поголема од 5 милијарди евра. Во таа насока оди и првото етапно враќање на ДДВ за електричната енергија. Од 1 јануари се зголемува данокот за струја од 5 на 10 отсто.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content