СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Економија

Продолжуваат преговорите за минималната плата

На седница на Економскиот совет на Владата денеска се очекува да биде разгледано се за што е разговарано досега во однос на синдикалното барање за зголемување на минималната плата, како и најновиот предлог на Бизнис конфедерацијата да се субвенционира дел од зголемувањето на минималната плата.

По ова, треба да се одржи нова седница на Економско-социјалниот совет по онаа во петокот кога не беше постигнат договор.

Премиерот Димитар Ковачевски вчера порача дека покачувањето на минималната плата ќе биде исполнето. Очекува уште денеска да има решение за покачување на минималната плата.

-Владата е на страната на работниците – покачувањето на минималната плата ќе биде исполнето. Отворениот социјален дијалог со сите засегнати страни е она кое ќе не одведе до најсоодветното решение кое е во интерес на работниците. Очекувам уште утре да имаме решение за покачување на минималната плата. Како што ветив, ефикасно ќе ги решаваме сите прашања во интерес интерес на граѓаните и ќе ги исполнување ветувањата. Тоа е принципот и духот во кој ќе се решаваат сите прашања кои целат кон подигање на животниот стандард на граѓаните, напиша вчера Ковачевски во објава на Фејсбук.

Владата, синдикатите и работодавачите, во петокот не постигнаа договор за зголемување на минималната плата на 18.000 денари и скалесто зголемување на останатите плати, но сите социјални партнери се согласни дека постоечкиот модел за усогласување на минимална плата не е прифатлив за никој.

Од Сојузот на синдикатите на Македонија и вчера и порачаа на Владата одлучно да застане на страната на работниците, да го стави синдикалниот предлог за минималната плата од 18.000 денари и скалесто покачување на останатите плати на гласање на Економско социјалниот совет и да го поддржи.

-ССМ е веќе во штрајк поради немање слух од работодавачите и срамните предлог решенија кои ги вадат на секој ЕСС за да купуваат време кое ние го немаме!, наведоа во соопштение од ССМ.

Доколку и понатаму нема решение за минимална плата, тие најавија дека во четврток, на 10 февруари, нивното членство ќе излезе пред Собранието да даде поддршка на пратениците да го изгласаат предлог законското решение на синдикатите коешто е 7-ма точка на пленарна седница. Доколку и тоа не се изгласа, најавија штрајк со блокади на фабрики, слободни економски зони, институции, патишта и итн..

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи по последниот состанок на Економско социјалниот совет во Владата информираше дека Бизнис конфедерацијата која ги застапува микро и малите претпријатија предложила предлог ако веќе се прифати кое било зголемување на минималната плата до определено ниво, тоа да го поддржи Владата. Тие, како што рече, имале две барања – едното е поддршка на 50 отсто на бруто зголемувањето или поддршка на нето платата која ќе биде зголемена.

-Ние не бевме спремни за калкулациите бидејќи за сите други модели што претходно беа понудени направивме симулации што тоа би значело. Во понеделник имаме Економски совет на кој ќе дискутираме за се што оваа недела се разговараше. Ќе излеземе со анализи какви фискални импликации може да има за предлогот да го покриеме одреденото зголемување на минималната плата, изјави Битиќи, порачувајќи дека Владата останува на ставот дека се најде одржливо решение до кое ќе се дојде само преку консензус меѓу сите социјални партнери.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content