Седницата за избор на новата влада продолжува утре напладне

32

Според опозициската ВМРО-ДПМНЕ, поединечните предлог-имиња во новата влада се доказ дека СДСМ нема избор и иднина на која треба да и се верува, а од владејачките партии, пак, сметаат дека се реализирани сите ветувања.

Собраниската седница за избор на новата влада продолжува утре во 12 часот.

Според пратеничката Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ, дискутабилно е прашањето дали станува збор за избор на нова влада, бидејќи, како што рече, изненадувачки е што целата гарнитура на стари ни нови активисти на СДСМ „пеат во еден глас” дека ова е најдемократски чин по оставката на Зоран Заев.

Таа во своето излагање на собраниската седница рече дека во владата на Ковачевски има 11 кадри на СДСМ, шест на ДУИ, три на Алтернатива и еден на ЛДП, а додаде дека владата на Ковачевски брои девет нови и 11 стари имиња.

-Поединечните предлог-имиња се само доказ дека СДСМ нема избор и иднина на која треба да и се верува и даде шанса. ДУИ, пак, и покрај зелената агенда, докажува дека не е подготовена за никакви промени. Убедена сум дека и самата ДУИ знае дека и тоа како треба да се менува, но и да ги менува ликовите со сомнителни документи за завршено образование. Тоа не се ликови со кои ќе влеземе во Европската Унија. Помалите коалициски партнери во континуитет ја продолжуваат праксата на коалицирање, не смеејќи да не дадат глас и да се спротивстават за сметка на некое семејно вработување или некој тендер, рече Стојановска.

Пратеникот Павле Трајанов од Демократскиот сојуз во своето излагање нагласи неколку приоритети на кои треба новата влада да се посвети.

Тој напомена дека седум институции се вклучени во откривање и сузбивање на криминалот, но тие како што рече, се партизирани, некоординирани. Затоа пратеникот Трајанов предлага Закон за борба против тешките облици на криминал и висока корупција, како и формирање на независна Агенција за борба против криминалот.

-Трето, коренити реформи на изборните правила. Македонија да биде една изборна единица, законски услови за рамноправен политички натпревар. Четврто, имплементација на европските стандарди и реформи согласно поглавјата за членство во ЕУ, независно што и натаму трае блокадата од Бугарија, рече Трајанов.

Исто така, тој напомена дека е потребно да се отвори расправа за системски промени, преку промени на Уставот за јакнење на одговорноста, отворање на расправа за Бадентер, затоа што, како што рече, се злоупотребува или селективно се применува.

Пратеничката на СДСМ Лидија Тасевска во рамки на собраниската седница во својата реплика нагласи дека во 2017 година Владата предводена од СДСМ наследи девастиран здравствен систем, и мораше одново да го враќа дигнитетот професијата на лекарите и општо на сите здравствени работници.

Според пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, новата влада има едвај мнозинство во Парламентот, нема политички легитимет и ја нема довербата од граѓаните, ниту пак идеја како да се соочува со проблемите понатаму.

-Доказ за тоа е владината програма, плагијат на онаа на Заев. Неверојатни 583 пати се споменува зборот „ќе”. Не верувам во чуда, но ќе ви треба чудо да не извадите од гнилежот на Заев. Луѓето сакаат одговори и одговорност, а не спинови и лаги. Народот сака одговорност за Ласкарци, за пожарите кои се случија во летото, за судството, за обвинителството, за економија, за цените, платата, за Клиничката болница, за образование, за незавршен пат Скопје – Охрид, за воздухот, за сите лаги, за јазикот, историја, и за се што е преговарано со соседите за нацијата, додаде Мизрахи.

Собраниската расправа за избор на нова влада трае најмногу два дена, а за изборот на владиниот состав се гласа по нејзиното завршување, односно најдоцна до 24 часот вториот ден или во случајов во недела до полноќ. Владата е избрана ако за неа гласаат мнозинството од вкупниот број пратеници во Собранието.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content