Порака по повод Светскиот ден на детските театри – 20 Март

36

Должни сме повеќе од кога било со уметност да ги прегрнеме најмладите, да го однесеме театарот до секое дете, во секој град и село, да им овозможиме на децата квалитетен културен живот и да израснеме силни генерации со вистински уметнички вредности, вели во пораката по повод Светскиот ден на детските театри 20-ти Март, претседателката на Македонскиот национален центар АСИТЕЖ, Јулијана Мирчевска.

-Сега кога ќе погледнам од дистанца на пандемиските денови, можам слободно да кажам дека ние театарските дејци, поминавме низ едно искуство кое реши неколку дилеми и стравови за театарот. Страв дека ќе живеме на дистанца, и ќе заборавиме на големи собирања. Собирања за заедно да изгледаме и доживееме претстава. Страв дека ќе ни бидат доволни компјутерските и телевизиските екрани пред нас. Страв дека можеби театарот полека ќе исчезне со напредокот на технологијата и другите медиуми. Но токму тие пандемиски денови ни потврдија дека сé минува, освен човековата потреба за близина со други луѓе. Потребата за споделување на своите мисли, чувства, желби, искуства, идеи и потребата да се слушне другиот, наведува во пораката Мирчевска.

Таа нагласува дека не постои друго место како театарот.

-Место за учење на најкреативен начин, место за дружба, место во живо да ги сретнете омилените јунаци, да ги чуете најубавите приказни, да се смеете и да плачете. Место од каде може светот да го промените на подобро. Затоа оваа година ја започнавме со голема промена, голем чекор – создавање на Македонски национален центар АСИТЕЖ. Ги повикуваме сите детски театри, организации, здруженија и театарски дејци кои творат за деца или работат со деца да се вклучат во нашата мисија – со театар да расте секое дете. Да се вклучат во националниот центар зашто сме должни да го промениме светот, за најмладите, повикува Мирчевска.

Должноста на детскиот театар вели понатаму Мирчевска е да израсне силни генерации со вистински уметнички вредности.

-Оние на кои пандемијата им го скрати дружењето, образованието, детството. Должни сме да излеземе на сцена и да создадеме магија. Да заиграме на сцената, да ги оживеме приказните, да допреме до детските срца и да всадиме љубов, почит, емпатија… Да ја поттикнеме нивната креативност. Да ги вклучиме во театарските процеси, па и ние некогаш да украдеме од нивната фантазија. Да израснеме силни генерации со вистински уметнички вредности, подвлекува Мирчевска.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content