СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Локално

Отчет за една година локална власт во Прилеп

Oд моментот кога ја добив Вашата доверба до денес и покрај политичката, енергетската и економската криза, мораме да признаеме дека Општина Прилеп значително се промени во сите сфери на општественото живеење. Прилеп не е повеќе град на сивилото и безнадежноста – истакна на денешниот отчет за тоа што се сработило во првата година од мандатот градоначалникот Борче Јовчески.

Во продолжение ви го пренесуваме целосното обраќање на Јовчески:

“Но, кога го говорам ова, сепак, мора да го имаме во предвид фактот дека Прилеп не е надвор од македонските, европските и светските случувања и за жал и тој го носи товарот на ова време, поврзано со светската енергетска и економска криза.

И покрај се, во ова едногодишно работење со мојот тим и морам да истакнам заедно со советниците и претседателот на Советот Дејан Проданоски, не се исплашивме од фактичката состојба туку напротив, се вложивме со активна работа во реализација на ветените проекти за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните во нашата општина. Сето ова ни беше поттик и мотив да водиме секојдневна битка за поквалитетно секојдневие на секоја единка во нашата заедница. Реализиравме низа проекти од витално значење за градот и населените места. Од општинскиот буџет асфалтиравме, реконструиравме и саниравме голем дел од локалните улици, создадовме услови за почиста животна средина (исчистивме околу 6000м3 отпад од дивите депонии во општината), ги обновивме парковските површини во градот и населените места и дел од детските игралишта, извршивме рехабилитација на сите градски фонтани и ги вративме во функција, извршивме реконструкција на дел од водоводната мрежа и атмосферската канализација низ градот и успеавме да го завршиме виталниот проект за водоснабдување на градот – “Реконструкција на главниот довод од Пашоски ливади“.

Завршуваме и со комплетна реконструкција на пешачката улица „Борка Талески“ која што е составен дел од плоштадот „Методија Андонов-Ченто“ со површина од 3500м2, во која што имаме вклучително и реконструкција на подземната инфраструктура.(проект во вредност од околу 25.000.000 денари) А во тек е набавка и поставување на полуподземни контејнери, со цел модернизација и подобрување на процесот на селекција на отпад.

Она што сакам посебно да го истакнам е влогот во образованието. Издвоивме над 30.000.000 денари за подобрување на условите за работа во сите училишта во Прилеп. Нема училиште во Прилеп во кое не сме инвестирале, вложиле, обновиле или реконструирале! Направивме огромен број инвестиции во кои спаѓаат: реконструкции и рехабилитации на училниците, ходниците, тоалетите, кабинетите, спортските сали и спортските игралишта, исто така поставени се голем број образовни помагала-смарт табли, компјутери, телевизори и многу други проекти и реализации. Тука морам да ги пофалам и директорите на училиштата кои што успешно менаџираат и заедно ги остваруваме сите овие проекти. А да не заборавам да ги пофалам и да им се заблагодарам и на директорите на Јавните претпријатија со кои што исто така заедно ги менаџираме и реализираме сите останати проекти.

Дадовме навистина сериозна поддршка на низа културни манифестации, фестивали и спортски настани, како и за развој на алтернативниот туризам и вративме во живот многу манифестации што не се одржувале во изминатиот период.
Исто така уште еден од капиталните проекти е тоа што успеавме да ја доведеме во завршна фаза доизградбата на детската градинка во населба Точила, клучен проект за квалитетен развој на нашите деца, за кој што мора да се напомене дека ја наследивме и целосната сума за исплаќање, а во оваа година исплативме 37.000.000 денари.
Ветивме и реализиравме за прв пат во Општина Прилеп, финансиска помош од 6000 денари за секое новородено дете, продолживме со субвенционирање на дел од средствата за купени велосипеди за околу 400 наши сограѓани, како наш приоритет за грижата за здрава животна средина и поддршка на граѓанскиот сектор.

Остваривме голем број на средби со бизнис секторот и политички и дипломатски претставници, во насока на обезбедување на партнерска поддршка и соработка, презентирајќи го нашиот град како одлична можност за инвестиции.
Можеби во овој исклучителен тежок период можевме повеќе и се согласувам со секој од Вас што ќе рече „секогаш може повеќе“.

Но, овој период почитувани мои сограѓани не беше воопшто едноставен. Поминавме одреден период на скенирање на состојбата од претходната власт, соочување со истата и успеавме со добро менаџирање и домаќинско работење да реализираме исплата на околу 120.000.000 денари од вкупно 300.000.000 денари наследени обврски и го трасиравме патот за отворање на повеќе можности со цел исполнување на дадените ветувања.

Верувам дека сме на вистинскиот пат, иако пред се исклучително ми е важно вашето мислење, на моите сограѓани!
И затоа, секогаш сум отворен за соработка и барам корекција од Вас доколку сметате дека сме погрешиле или можеме уште подобро. Само преку директна комуникација со граѓаните можам да ги детектирам секојдневните проблеми во Општина Прилеп!

Затоа драги мои сограѓани, Прилеп е во нашите раце и ние заедно можеме својата иднина да ја направиме подобра, соочувајќи се со предизвиците, а не избегнувајќи ги, решавајќи ги препреките, а не прескокнувајќи ги.
Во склоп на развојната програма за претстојниот период имаме неколку големи проекти со кои што ќе започнеме уште од месец март 2023 година, со самиот почеток на новата градежна сезона, во која што ќе реализираме асфалтирање и рехабилитација на околу 50 улици,(со вкупна површина од 68 000м2). Исто така започнуваме со минимум една, нова монтажна катна гаража во близина на централното градско подрачје со што планираме делумно да го подобриме наследениот проблем со недостатокот на паркинг места во центарот на градот.

Ќе продолжиме со изградба на нов кружен тек на булеварот „Гоце Делчев“ (кај Тинекс), и започнување на комплетната реконструкција на влезот на градот во правец Крушево – Прилеп, односно улица „Леце Котески” која покрај постоечките сообраќајни ленти опфаќа и дополнителни пешачки и велосипедски патеки со предвидена должина од 2130 метри,
проект кој што е финансиран од Светска банка и имплементиран од Министерство за транспорт и врски во вредност од над 1.000.000 евра, за кој што се трудиме и покрај сите опструкции, да ги завршиме и измениме сите потребни технички работи и документации.

Во нашиот план за наредниот период предвидена е реконструкција на сите спортски игралишта во градот и населените места, со што ќе обезбедиме нашите деца да се рекреираат и да поминуваат квалитетно и исполнето време на истите.

Ова се само дел од проектите кои следуваат или веќе се започнати, продолжуваме да работиме чесно, домаќински и транспарентно, а во текот на мојот мандат ќе ги реализираме сите проекти за кои што граѓаните на Прилеп ни дадоа довербата.

За крај, сакам сите граѓани на Општина Прилеп да ги уверам дека промените носат подобра иднина и во наредниот период ќе продолжам чесно и одговорно ќе ја практицирам функцијата градоначалник и дека по никоја цена нема да отстапам од моите основни заложби: Да бидам градоначалник, еднаков за сите граѓани; Да креирам достоинствен живот за сите граѓани; Да создадам општина, со која сите ќе се гордееме.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Messenger icon
Пишете нѝ на Фејсбук!
Skip to content