Организаторот на Олимписките игри им се извини на католиците и на сите христијани

157

Организаторот на Олимписките игри во Париз им се извини на католиците и другите христијани кои беа налутени од кич сцената на свеченото отворање, пародија на Тајната вечера.

Настапот на кој учествуваа членовите на групата „Драг Рејс Франс“, трансродова манекенка и гола пејачка во улогата на старогрчкиот бог на виното Дионис, наликуваше на библиската сцена на Исус Христос и неговите апостоли како ја делат последната вечера пред распнувањето. Поставувањето на сликата на Да Винчи предизвика гнев кај католиците и другите христијани, особено во САД, но организаторите тврдат дека немало намера да покажат непочитување кон верниците.

“Јасно е дека немаше намера да се покаже непочитување кон ниту една религиозна група. Церемонијата на отворање беше наменета како прослава на толеранцијата. Веруваме дека ја постигнавме таа амбиција. Ако некои луѓе беа навредени, многу ни е жал. “, рече Ен Декамп, портпаролка на Олимпијадата.

Франција, иако горда на своето културно наследство, има и долга традиција на секуларизам и антиклерикализам, а богохулењето не само што е легално, туку и се смета за еден од клучните столбови на слободата на говорот.

Многумина ја поддржаа таа точка на церемонијата на отворање на ОИ бидејќи во неа гледаат порака за инклузивност и толеранција. Француската католичка црква изрази длабоко жалење за сцените кои „вклучуваа исмејување на христијанството“.

Некои коментатори ја нарекоа контроверзноста уште еден пример за културните војни во 21 век поттикнати од социјалните медиуми и постојаното бомбардирање со вести.

Томас Џоли, уметничкиот директор и мозокот на раскошната церемонија на отворање, рече дека религиозната субверзија никогаш не била негова намера, но „тие сакале да зборуваат за различноста бидејќи тоа значи да се биде заедно“. „Едноставно кажано, сакавме да ги вклучиме сите“, им рече Џоли на новинарите.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content