Нов закон за медиумска слобода во ЕУ, Македонија мора да се прилагоди

21

Комисијата денеска на маса стави низа нови правила за заштита на плурализмот и независноста во медиумите, приватните и државните во ЕУ. Иако овие правила се однесуваат на земјите членки на ЕУ, од земјите кандидати се очекува да ги интегрираат во своите закони и пракси, најави еврокомесарката за транспарентност и вредности на ЕУ, Вера Јурова.

Со новото законодавство треба да се стави крај на политичкото и партиското влијание во медиумите за да можат новинарите да работат слободно, а под лупа е и државното рекламирање.

Земјите членки ќе имаат обврска да ја почитуваат слободата на медиумите и заштитата на изворите, а сопствеништвото ќе мора да биде транспарентно.

Што се однесува до државните и јавните медиуми, нивното финансирање ќе мора да биде соодветно, стабилно, предвидливо и да обезбеди независност.

Ќе се чешлаат и концентрациите во медиуми кои претставуваат ризик за медиумската независност. Што се однесува до државното рекламирање, новиот закон воспоставува нови обврски на транспарентност и недискриминација. Објективност се бара во системите на мерење на гледаност, кои имаат важен импакт врз приходите од реклами.

Законот ќе биде на маса и за земјите кандидати и земјите кои преговараат, како Македонија, бидејќи тој ќе биде еден од условите во процесот на приклучување.

-Јасно ставивме до знаење дека сметаме дека состојбата со медиумите е важен елемент за проценувањето на квалитетот и одржливоста во земјите кандидати, тоа е во радарот на нашите преговарачи, изјави Вера Јурова одговарајќи на прашање на МИА.

Таа додаде дека за претставниците на земјите кандидати како Македонија ова “јасен сигнал“ дека ЕУ цели кон посилна заштита на медиумите, и дека тоа ќе биде предмет на разговори за време на преговорите со ЕУ.

Еврокомесарот за внатрешен пазар на ЕУ, Тиери Бретон, додаде дека кога една земја станува членка на ЕУ мора целосно да се усогласи со правилата на внатрешниот пазар.

-Земјите кандидати ќе мораат да ги исполнат сите аспекти на внатрешниот пазар, да го почитуваат ЕУ законодавство, додавајќи дека Европската Комисија ќе ги има сите алатки за да се осигури дека работите одат во добар правец, рече Бретон.

За прв пат со овој закон во ЕУ ќе се воведат јасни мерки за заштита на независноста на медиумите и спречување на државни и партиско влијание.

-Ова не смее да биде партиско дружење, финансирањето на јавните медиуми не смее да се користи да се врши притисок, изјави Јурова.

Таа потсети дека довербата на граѓаните во медиумите во пад и дека овој закон ќе помогне да се поврати истата. Бретон, пак, предупреди на загрижувачкиот тренд кој покажува дека 30 отсто од новинарите ја напуштаат оваа професија.

Во име на ефикасноста Комисијата предлага и да се креира независен Европски одбор за медиумски услуги, кој ќе ги вклучи националните медиумски власти и чија цел ќе биде да врши надзор врз применувањето на ЕУ законот за медиуми. Тој одбор ќе издава и мислења за националните мерки кои го засегаат медиумскиот пазар и концентрации.

Земјите кандидати ќе имаат статус на набљудувач во него, рече Бретон. Тој увери и дека не постои никаков ризик Европската Комисија да заземе контрола врз ова тело.

Конечно, еврокомесарите истакнаа дека ниеден новинар не смее да се смета за “ризик за националната безбедност“.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content