Надлежните во Прилеп испитуваат наводи за сексуално вознемирување на средношколка

56

Прилепското основно обвинителство почна да прибира потребна документација и почна со распит за проверка на наводите дека во средното училиште „Орде Чопела“ ученичка била сексуално вознемирувана од вработен во училиштето.  За случајот се огласија полицијата, Центарот за социјални работи и од училиштето кое ги информирало надлежните институции.

Според в.д директорката на средното училиште „Орде Чопела“, Тереза Златеска Трајкоска случајот е од 8 февруари.

– Прво, ученичката ѝ кажала на класната раководителка, а таа на стручните служби во училиштето дека вработен ја допирал по телото. Тоа го потврди во првата пријава. По два дена во присуство на родител повторно беше сослушана кога ученичката дала нова изјава дека не ја допирал, за крајно во третата и конечна изјава да ги потврди наводите од првата дека вработениот ја допирал по телото. За ова ги известив надлежните институции- Центарот за социјални работи од Прилеп и полицијата по што тие си преземаат дејства, изјави в.д. директорката Златеска Трајкоска.

Од Центарот за социјални работи потврдуваат дека кај нив со известување се обратиле од училиштето на 14 февруари, но за несоодветно однесување на ученичката.

– Добивме известување од училиштето за несоодветно однесување на учерничката за време и по завршувањето на наставата. Но, при вториот обид и остварената средба со неа и со родителите, стручниот тим на Центарот дошол до сознание дека детето на почетокот на февруари било жртва на сексуално вознемирување. Писмено се известени полицијата и основното јавно обвинителство. Стручниот тим при МЦСР Прилеп презема мерки на помош и заштита и психосоцијална помош и поддршка за  јакнење на емоционалната стабилност и состојба во понатамошниот развој на детето. Ова особено имајќи предвид дека самата медиумска експонираност на предметот може да доведе и до секундарна виктимизација на детето на што особено треба да се внимава, стои во писменото обраќање од прилепскиот Центар за социјални работи.

Од СВР Битола соопштуваат дека случајот е пријавен во полицијата.

– На 14 февруари во 10,40 часот во полициската станица во Прилеп од вработена во средно училиште било пријавено дека малолетна ученичка кај неа пријавила дека била допирана по телото од вработен од училиштето. Полициските службеници презеле мерки и активности и за случајот е известен јавен обвинител, информираат од СВР Битола.

Јавниот обвинител Маријана Илиеска потврди дека прибира известувања, врши распит и побара полицијата да ги прибави видео-записите од камерите во училиштето.

-Започнавме со прибирање потребни известувања, а денеска имавме и распит, меѓу кои и на ученичката, а испрашани се директорката и социјален работник во училиштето. Поднесовме наредба до полицијата да ги прибави видеозаписите од училиштето. Психолог ќе вештачи за душевната состојба на ученичката за на крајот да решиме дали ќе се отвори предмет и дали ќе има кривично гонење, ни рече телефонски јавниот обвинител Маријана Илиеска.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content