СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Политика

Кој ќе ѝ готви манџа на полицијата?

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави дека од денеска, во текот на следните денови, на јавноста ќе и презентира докази на тоа како една приватна компанија која добила грант за изградба на фабрика од Владата, сега руши рекорди во добивање на милионски тендери во вредност од неколку милиони евра.

Имено, за прв пат во историјата, полициските службеници сместени во објектот во Ѓорче Петров и во Центарот за обука во Идризово ќе консумираат храна која ќе биде набавена од страна на приватна компанија, основана токму со финансиска поддршка од владата на СДС – објасни Наќе Чулев од ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, со договорот склучен меѓу МВР и фирмата Индустри сервис, му се дава право на Министерството за внатрешни работи да потроши до 440 милиони денари, односно 7 милиони и 150 илјади евра за исхрана.

– Се работи за бонбона бизнис со оглед дека само во Центарот за обука на дневна основа ќе се дистрибуираат нешто помалку од 1.000 оброци – потенцира Чулев.

Тој прашува дали можеби ваков договор е склучен со компанијата Индустри сервис, затоа што истата и претходно имала бизнис релации со власта кога добила грант од 10 милиони денари од Владата на СДСМ за изградба на својата фабрика.

– Сега истата таа фабрика, односно фирма добива договор од МВР, за носење на храна во само еден објект во Идризово од над 7 милиони евра, што е повеќе од првичната инвестиција. Додека во објектите на МВР има кујни со новонабавена најсовремена опрема за приготвување и складирање на храна токму во периодот кога Оливер Спасовски бил министер, а која ги исполнува сите ХАСАП стандарди, сега истиот тој Спасовски фрла милиони евра на тендери за исхрана – додава тој.

Чулев го поставува прашањето зошто МВР набавило скапа нова опрема за приготвување на храна во износ од неколку стотици илјади евра, ако планирало услугите за исхрана да ги даде на приватна фирма. Дополнително, според него, се отвора и дилемата што ќе се случи со кадарот вработен во Министерството за внатрешни работи, десетици кувари, готвачи и келнери кои до сега беа ангажирани да подготват храна за полициските припадници.

– Проценките и анализите на лица со долгогодишно искуство во делот на јавни набавки е дека на овој начин цената по оброк за МВР ќе биде многу повисока од актуелната што пак говори дека недомаќинско работење и несоодветно трошење на средствата на полицијата која истовремено кубури со неопходната основна опрема за соодветно извршување на тековните работни задачи и обврски – констатира Чулев.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Messenger icon
Пишете нѝ на Фејсбук!
Skip to content