Контролорите на летање бараат да се проверат фактите за случајот со двата авиони на македонското небо
Здружението на контролори на летање на Македонија застанува во одбрана на колективниот углед и професионализам на контролорите, кои се мета на неосновани осуди. Прогласувањето на настанот од 7 септември за „сериозен инцидент”, без притоа да се проверат фактите не оди во насока на правично и вистинито расветлување на случајот. Напоменуваме дека Флајтрадар 24 (Flightradar24) не е релевантна алатка за давање на точна позиција во реално време и како таква не треба да се користи за извлекување на заклучоци, се вели во реакцијата на Здружението на контролорите на летање на Македонија на информациите дека над Скопје на 7 септември за малку ќе дошло до судир на два авиони кои летале на иста висина.
Реакцијата на ЗКЛМ ја пренесуваме во целост:
„Воздухопловниот транспорт е комплексен систем сочинет од луѓе, процедури и технологии, кои меѓусебно соработуваат и дејствуваат со цел создавање на најбезбеден начин на патување. Појавата на безбедносни настани во воздухопловството е секогаш последица на сложена интеракција на поголем број на фактори, кои делуваат на начин кој го преоптоварува безбедносниот систем и резултира со непосакуван исход.
Поради критичната важност на безбедноста во работата, контролор на летање е професија со високо ниво на одговорност. Македонските контролори на летање се соодветно обучени професионалци, кои со највисоко ниво на квалитет опслужуваат рекорден број на летови, честопати во тешки временски услови, кои оперираат под нивна надлежност за безбедно и редовно да стигнат до нивните дестинации. ЗКЛМ застанува во одбрана на колективниот углед и професионализам на контролорите, кои се мета на неосновани осуди.
Воспоставувањето на ‘култура на праведност‘ во воздухопловството резултираше со висок стандард за безбедност, со што воздухопловните незгоди и инциденти станаа исклучително ретки, но сепак не се целосно непостоечки и се случуваат кај нас, како и во Европа и светот. Прифаќањето на системски пристап при истражувањето, наместо индивидуално обвинување е клучно за зајакнувањето на безбедноста во воздухопловството.
За настанот од 7-ми септември, навремено е поднесена пријава за безбедносен настан од извршителите кои работеле на засегнатиот сектор и истата е процесирана од релевантните одделенија, служби и институции, кои понатаму постапуваат по пријавениот настан, согласно постоечки правни процедури. Никогаш не станувало случај за заташкување на настани. Прогласувањето на овој настан за ‘сериозен инцидент’, без притоа да се проверат фактите не оди во насока на правично и вистинито расветлување на случајот. Напоменуваме дека Flightradar24 не е релевантна алатка за давање на точна позиција во реално време и како таква не треба да се користи за извлекување на заклучоци.
ЗКЛМ ги повикува медиумите кои известуваат за овој настан да го одржуваат нивото на новинарски интегритет и објективно известување, да го почитуваат текот на истрагата според пропишаните норми и пракси во воздухопловството пред да објавуваат за вакви чувствителни теми, како и воздржување од давање на паушални коментари сѐ до добивање на официјални и финални резултати. Дополнително, апелираме да се избегнува ширење шпекулации и коментари во врска со настанот на социјалните медиуми, кои можат да бидат погрешно интерпретирани“.