СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Македонија

Утре ИЧ не чекајте автобус

Скопјани утре повторно ќе останат без јавен превоз бидејќи дел од вработените во ЈСП од 4:30 часот наутро ќе започнат со штрајк кој ќе трае до 12:30 часот и ќе се одржи пред дирекцијата на Јавното претпријатие во Автокоманда.

Како што информираат од штрајкувачкиот одбор, овој чекор го преземаат бидејќи нема усогласување на минималната плата со Колективниот договор на ниво на работодавач, односно зголемување за 2.170 денари за вработените во претпријатието, како и кршење на правата од работен однос и безбедност и здравје при работа.

– Причина за штрајкот е усогласување на минималната плата со Колективниот договор, неисплатата на прекувремени часови за прекувремена работа, неисплата на хранарина на работниците што работат навечер од 22 до 6 часот, дискриминација на помлад возач, луѓе кои се со лиценца и која важи секаде во светот, а тука се помлади возачи со години, вели синдикалецот Маријан Поповски.

Тој истакнува дека штрајкот е законски најавен, бидејќи претходно испратиле предупредувале до раководството на ЈСП „Скопје“ и до в.д. директорот Крсте Петревски, но како што додава, за жал, никој досега не ги послушал нивните барања веќе подолго време.

– Раководството на ЈСП е должно по закон да преговара со нас, но од нивна страна немаме никаква повратна реакција. Ние утре ќе излеземе на штрајк кој ќе започне пред управната зграда и ќе трае до 12.30 часот, а дел од него ќе бидат возачите во сите смени, а тоа е бројка од околу 200 луѓе. Доколку никој не се удостои да нѐ прими и да разговара со нас, по 12.30 часот сите си заминуваме дома и во Скопје пак ќе нема автобуси, изјави Поповски.

Според соопштението до возачи до кое дојде Плусинфо, утре во 4:30 часот возачите ќе треба да се појават на своите работни места, да се пријават кај организаторите на штрајкот, да не ги земат патните налози и оние од гаражата во Ѓорче Петров со возилата да им се приклучат на колегите во Автокоманда кои исто така нема да земат патни налози за работа.

Но некои од вработените со кои разговараше Плусинфо стравуваат дека може да останат без работа, бидејќи како што велат, соопштението е збунувачко и не се сигурни дали на штрајкот ќе се приклучат и колегите од другите смени или само оние кои се прва смена ќе го носат товарот на свој грб.

– Синдикатите нѐ ставаат во незгодна ситуација. Возачи од прва смена сме најмалку 15, а најмногу 20. И само ние треба да штрајкуваме во име на целата фирма. Зошто не се повикани и возачите од другите смени? На овој начин само ризикуваме да ни биде врачен отказ. И јас сум за да ни се исполнат правата, ама не е во ред само 15 возачи да ја водат битката. Што да правам јас утре? Ако појдам во гаража и да земам налог за возење, штрајкувачите ќе реагираат бурно и ќе се обидат да ме спречат. Ако им се придружам во штрајкот, практично ризикувам да останам без работа. Како и да е, не се прави ова на овој начин. Или сите ќе штрајкуваме или никој, вели возач на ЈСП кој од разбирливи причини сакал да остане анонимен.

Дека во ЈСП не цветаат рози е познато веќе подолго време, а ова е втор пат главниот град да остане без јавен превоз откако Данела Арсовска е градоначалничка на Скопје. Имено, како што е веќе познато во октомври, вработените во јавното претпријатие исто така не излегоа да возат, бидејќи ЈСП им доцнеше со исплатата на плати во законскиот рок.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content