Интензивно течат разговорите за новиот, петти антикризен пакет мерки што треба да обезбеди финансиска поддршка за граѓаните и стопанството. Отворена е широка дебата во која се вклучени синдикатите, коморите, работодавачите. Даваат предлози, сугестии и мислења кои би се разгледале од страна на Владата со цел поефективна распределба на државната помош.
Според најавите, угостителството, транспортот, туризмот, тутунарите и медиумите ќе бидат во фокусот на петиот сет мерки, како директно најпогодени сектори на кои им е неопходна помош.
Но, да бидат вклучени во антикризниот пакет побараа и други индустрии: музичарите, организаторите на настани и претставниците на фото и видео дејностите. Некои дури формираа и комори за здружено да делуваат.
За новиот сет мерки вчера седница одржа и Економско-социјалниот совет. На седницата присуствуваа Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Конфедерацијата на слободни синдикати и Организацијата на работодавачи.