Владата и банките продолжуваат со преговорите околу условите за пласманот на унгарскиот заем

102

Владата и банките продолжуваат со преговорите околу условите за пласманот на унгарскиот заем за македонските компании. Начелно постои договор околу роковите за исплата, но не и околу каматата што ќе треба да се исплаќа, за која од двете страни има волја за доближување на ставовите.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера (17 ноември) по средбата со Македонската банкарска асоцијација, на која требаше да се прецизираат условите под кои бизнис секторот ќе може да ги користи 250-те милиони евра од унгарскиот заем, во однос на каматата, рече дека уште ќе се преговара.

„Во делот на каматата ќе се преговара уште оваа недела и очекувам дека до крајот на следата недела, во втората половина веќе би имале некаков став поврзан со тоа прашање и на тој начин би го заокружиле сето ова за конечно да почнеме сето ова да го аплицираме и да се пренесе на стопанството. Во моментов се доближуваат ставовите. Не би зборувал сега за проценти, би зборувал повеќе за изразена волја од двете страни за доближување на ставовите“, рече Мицкоски.

Целта, е како што рече, каматата што ќе ја понудат банките да биде што е можно пониска, за да може стопанството да ги добие парите по пониска камата. Условите под кои е земен кредитот се 3,25 проценти со три години грејс период и 12 години рок на отплата. Половина од парите се наменети за општините за реализација на капитални проекти, а половина за бизнис секторот.

Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески очекува дека ќе се најде решение во интерес на бизнисот. Aпелира тоа да оди во пакет со прашањето за капитализацијата на Македонската банка за поддршка на развојот затоа што таква институција е потребна за бизнисот. Во неговата најнова колумна, Азески, побара парите веднаш да бидат ставени во функција со што, според него, власта ќе и покаже на јавноста и на меѓународната заедница дека покрај способноста за договор, има и способност за поддршка на бизнисот.

Унгарскиот заем од половина милијарда евра го договорија премиерот Мицкоски и унгарскиот премиер Виктор Орбан за време на Самитот на НАТО во Вашингтон. Законот за унгарскиот заем беше донесен во Собранието на 17 септември, а на 8 октомври во Будимпешта министерката за финансии го потпиша договорот.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content