Бугарија има обврска да ги заштити правата на македонското малцинство

48

Бугарија има обврска да ги почитува правата на малцинствата и да осигура дека никој нема да биде дискриминиран врз основа на нивниот слободно избран идентитет, соопштија за „Гласот на Америка“ од Канцеларијата за човекови права на Обединетите нации на барањето да го искоментираат условот на Бугарија да се впишат Бугарите во македонскиот Устав, додека против неа постојат 14 пресуди на Судот во Стразбур за прекршување на правата на македонското малцинство на нејзина територија.

Канцеларијата за човекови права на ОН го посочи извештајот што независен експерт на ОН за малцински прашања го претставил до Советот за човекови права во јули 2011 година, согласно кој, Владата на Бугарија се повикува да ги заштити слободата на изразување и здружување на припадниците на македонското малцинство.

– Извештајот ја повикува бугарската Влада да ги обезбеди и заштити правата загарантирани во уставните одредби на земјата за почитување на правото на етничко самоопределување, вклучително и правата на слободата на изразување и слободата на здружување на припадниците на македонското малцинство. Извештајот, исто така, нагласува дека политиките што се однесуваат на признавањето и правата на малцинските групи мора да се проценат во однос на обврските на државата, согласно меѓународниот закон за човекови права, вели Канцеларијата за човекови права на ОН. 

Овој извештај забележува дека Владата на Бугарија „негира постоење на етничко македонското малцинство“, тврдејќи дека припадниците на оваа заедница се всушност етнички Бугари.

Во него се вели и дека „македонскиот јазик не се признава, ниту се учи во училиштата и Македонците не се застапени во Националниот совет за соработка на етничките и интегративните прашања“.

Канцеларијата за човекови права на ОН вели дека правата на малцинствата се заштитени со различни договори за човекови права, вклучително и Меѓународниот пакт за граѓански и политички права и Меѓународната конвенција за елиминација на сите форми на расна дискриминација, а како потписник на двата договора, Бугарија има обврска да ги почитува обврските кои произлегуваат од нив.

– Националниот заÐ �он треба да ги признае правата на малцинствата и да осигура ниту еден поединец или група да не страда од неповолна положба или дискриминаторски третман врз основа на нивниот слободно избран идентитет како припадност (или не) на етничка, верска, јазична или која било друга група, се вели во одговорот.

Од Канцеларијата нагласиуваат дека исполнувањето на ваквите обврски од страна на Бугарија го следат Комитетот за човекови права и Комитетот за елиминирање на расната дискриминација.

– Северна Македонија, согласно вториот билатерален Протокол за исполнување на Договорот за добрососедство и пријателство од 2017, што го потпиша со Бугарија, се обврза да преземе мерки со кои ќе осигура ефективен пристап до еднакви права, заштита од дискриминација и заштита на културата и идентитетот на бугарската заедница во државата. Државата ќе мора и да ги внесе Бугарите во Уставот за формално да ги почне преговорите со ЕУ. Бугарија, пак, вели дека не постои македонско малцинство на нејзина територија, а со посебна декларација во ЕУ наведува дека не го признава македонскиот јазик, потсетува „Гласот на Америка“.

Стејт департментот во последниот извештај за човекови права, забележа дека властите во Бугарија „продолжија да одбиваат регистрација на етничко-македонски активистички групи како што се ОМО-Илинден, Друштвото на угнетените Македонци – жртви на комунистичкиот терор, Здружението за одбрана на индивидуалните граѓански права и Македонскиот клуб за етничка толеранција во Бугарија, и покрај 14 претходни одлуки на Европскиот суд за човекови права дека негирањето ја нарушува слободата на здружување на групите. Во еден пример на 31 мај, Апелациониот суд во Софија ја потврди одлуката на Агенцијата за регистрација од ноември 2020 година, со која се одбива регистрацијата на Здружението на угнетените Македонци – жртви на комунистичкиот терор, со образложение дека групата ќе спроведува политичка агенда која го загрозува единството и безбедноста на нација и би ги прекршиле правата на останатото население во земјата што не се идентификува како македонско“.

Извештајот пишува и дека „Обединета македонска организација – Илинден наведе случаи во Благоевград, во кои националните пописни шалтери им кажувале на поединци што ги посетиле дека „Македонец“ не е достапна опција за етничка идентификација“.

Фото: Глас на Америка

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content